Енвер еф. Билали –
Имам во село Требиште
Секоја пофалба и благодарност му припаѓаат на Аллах, Него го славиме, и од Него помош и прошка бараме. Возвишен е нашиот Господар, Моќен, Достоинствен и Горд. Му благодариме на упатството со кое Тој, без прекин, ги опсипува душите кои се стремат кон височините и возвишените цели. Сведочам дека само Тој е Бог, Едниот, кој нема здруженик, и сведочам дека нашиот веровесник Мухаммед, нека е Аллаховиот мир над него, е Аллахов роб и пратеник, преку кого Аллах ги упатил заскитаните души, ги напоил од чистиот извор и ги осветлил со гордост и светлина. Господару мој, благослови го него, неговото семејство и неговите благородни асхаби!
Почитувани браќа муслимани!
Аллах џ.ш. во 10 ајет од сурето Фатир рекол:
“Ако некој сака големина – па кај Аллах е сета големина …!”
Во овие времиња во кои настаните се менуваат со голема брзина, брановите на злото удираат од сите страни, и каде системот на вредностите и вреднување на работите се менува од ден на ден, повеќе од било кога е потребно да се зборува за доблестите и вистинските вредности, преку совет и опомена, посочување и потсетување. Притоа, посебен акцент мора да биде ставен на општите човечки вредности и достигнувања, кои што веќе одамна не живеат во нашите општества и домови.
Една од овие вредности е секако човечката гордост и достоинство, без која човекот не може да биде човек, ниту животот живот, или општеството општество. Таму каде што не постои гордост и достоинство, луѓето се само статистички поими и броеви, бездушни тела, имиња без значење и смисла. Гордоста е плод на душата и кислородот на чесниот и благороден живот, таа на човечката личност и дава значење и облик, ја прави вредна за восхитување и почит. Во суштина, исламот е и објавен за сите луѓе да ги изведе од оковите на угнетеност и пониженост во светлината и пространоста на преданоста и робувањето на само Едниот Бог, нивниот Создател и Апсолутен Судија. Гордоста и достоинството се во Неговата бит и форма, а делувањето во склад со вистината и правдата се негова тајна и јавна порака.
Аллах џ.ш. во 139 ајет од сурата Али Имран рекол:
“И не очајувајте и не растажувајте се ! Ќе победите ако бидете вистински верници ! “
Во еден хадис кој се пренесува од Темим ед Дари, р.а., се наведува дека Пратеникот, а.с., рекол: „Оваа вера ќе стигне до таму каде што достигнуваат денот и ноќта, и нема да остане ниту една куќа, било таа направена од тули, или животинска кожа, а во неа да не влезе исламот, со гордоста на оние кои ја прифаќаат гордоста и понижување на оние кои го прифаќаат понижувањето, гордост со која Аллах ќе го воздигне Исламот и понижување кое ќе го доживее неверството и неверниците.“ (Ахмед, Ел Бејхеки, Хаким)
Има ли поголема болка и понижување на човечката душа од губењето на човечкото достоинство и гордост, газењето врз човековата чест, помирувањето со оковите на тиранијата и угнетувањето, затворање на очите пред јасна неправда и задушувањето на основните човекови права од страна на оние кои ги протерале од своја близина научниците, ги турнале во заборав великаните, ги обезвредниле талентираните, уништиле слободоумните, и кои од државите со кои управуваат направиле полигон за уништување на човечкото достоинство, кршење на човечките права и распродажба на најсветото и највредното. Една мудрост вели: „Немоќта и гордоста никогаш не можат да одат заедно.“
Затоа муслиманот треба да биде и горд и достоинствен. Гордо и достоинствено да ги извршува Аллаховите наредби, и исто така гордо и достоинствено да се варди од Аллаховите забрани.
Нека Аллах џ.ш. не сочува нас и нашите фамилии од искушенија и од џехеннемскиот оган. Амин!